CИHOT HA ПETAP БОГОЕЈСКИ: Тато, не биди пpocт!
Предводникот на Македонски Концепт Петар Богојески на својот профил на Фејсбук сподели статус кој предизвика огромно внимание на социјалните мрежи.
Имено, тој сподели што му вратил неговиот син на неговите зборови дека треба повеќе да се фокусира на учењето.
За оние што не знаат Богојески пред неколку денови и официјално го објави основањето на неговата партија Македонски Концепт.
Со решение на Основниот суд Скопје, завчера „Македонски концепт“ и официјално прерасна во политичка партија. Симбол на партијата е непокорниот борец од Мечкин Камен.
„Македонски концепт“ нема да има класична структура со претседател, туку ќе биде организирана со тим лидери по различни области. Наместо претседател ќе има национален тим лидер (Петар Богојески), како и извршен директор и регионални центри.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост неговиот статус:
-Тато, на многу убаво место живееме.
Во маало имаме школо, гимназија, факултет, англиски, спорт, се имаме!
Сине, се убаво, само со сестра ти уште да почнете да учите како треба!
Тато, ај не биди прост!
Киро, објави Петар пред неколку минути на Фејсбук.
Инаку, кога официјално беше формирана партијата, тој објави:
ИЗУМИВ ДА НАПОМЕНАМ дека потребните потписи и пари за регистрација ги собравме за само неколку денови!
Таква енергија, таков ентузијазам, таква посветеност, таква правдољубивост и желба за РЕСТАРТ на Македонија не сум видел до сега!
Се надевам тоа ќе го задржиме и силно ќе ПОБЕДИМЕ!, напиша Богојески.
„Не е важно дали си со основно, средно, високо или повисоко образование, дали си сиромав или богат, дали си работник, земјоделец, даскал, еким или газда… без разлика на твојата вера, народност или убедувања… ако си еснав човек, домаќин човек, со образ, од збор, тука да се чувствуваш како свој на своето, Македонија да си ја сакаш повеќе од себе, ако таа е наша заедничка Мајка и за тебе… тогаш пријателе бујрум во МКонцепт!“, пишува Богојески на Фејсбук.
Тој додава „Партијата ја направивме за да ПОБЕДИМЕ! Партијата постои за народот и за Македонија!“.
Богојески: Албанија е пример за да видиме што ја чека Македонија ако го смени Уставот и ги внесе Бугарите
Албанија е прекрасен пример за да видиме што ја чека Македонија ако го смени Уставот и внесе Бугари во него, вели лидерот на „Македонски концепт“,Петар Богојески во „Жешко политичко лето“.
-Еве што се случува во Албанија откако таа ги призна Бугарите и ги внесе во општеството. Добивме враќање на македонскиот дел од албанското општество, враќање во 18 и 19 век во време на пропагандите кога им се купува душата на луѓето, и се користи нивната сиромаштија наследена од старата албанска политика. Се користи нивната беда за да се асимилираат во Бугари, истот тоа ќе се случува во Македонија како со пасошите, но ќе се случува многу повулгарно ако влезат во Уставот, вели Богојески.
Во минатото, Петар особено е познат и како „реформатор“
Овој текст е од 2018 година. Петар Богојески: Реформаторот кој е против политиката на ниски страсти во неговата партија
Разрешувањето од позицијата заменик генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ Богојески го прими мирно, без драматизација. На својот профил напиша дека во партијата има непомирливи концепти, бидејќи едниот е за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ
Групата на реформатори во најголемата опозициска партија во земјава – ВМРО ДПМНЕ е формирана пролетта 2017 година, како резултат на потребите на промени по губењето на власта и големиот број обвинителни акти против врвот на „црвено-црните“. Петар Богојески, кој до неодамна беше заменик-генерален секретар на партијата и кој беше сменет на седницата одржана деновиве, а на која требаше да се одреди тактиката на ВМРО ДПМНЕ после референдумот, потврди дека прифаќањето на реформаторите од страна на новиот претседател Мицковски и неговата непосредно опкружување била само форма на амортизирање на нервозата и незадоволството во партијата.
Реформаторите беа прифатени со цел да бидат стивнати. Богојески беше незадоволникот кој доби највисока функција во постконгресниот период во оваа организација и оттаму неговата смена е само најава дека иста судбина веројатно ги чека сите други кои размислувале како Богојески, а кои биле против генералната струја.
Реформаторите се сите правници со образовно портфолио и долги години биле на низа позиции во извршната власт и во партиските тела. Членови на партијата се повеќе од две децении, а дел од оние кои во јуни 2017 година се појавија на пресот на кој објавија дека во партијата постои крило кое заговара промени, во тој миг беа на позиции во извршната власт.
Како најиздвоен по вниманието кое му се даваше од страна на партискиот врв беше токму Петар Богојески. Неговата функција во извршната власт не беше баш многу за издвојување – беше носител на проектите на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на сали, терени и игралишта
Има стаж во партијата од 1995 година. Бил претседател и основач на општинскиот комитет на УМС Крушево, а предводел и активности и неколку тела на партијата. Беше докторант на политички науки во Бугарија. Дипломирал историја и право, а станал магистер по политички менаџмент. Функцијата до која дотурка беше – државен советник за недвижности и правни работи во Министерството за одбрана. Претходно бил на неколку позиции во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и во Царинската управа.
Од 2008 е државен советник за капитални инвестиции во Агенцијата за млади и спорт и државен советник за недвижности и правни работи во Министерството за одбрана. Членува во Младинскиот евроатлански форум, Пан-европската унија и Институтот „Охрид“ во Скопје.
Дека новата појава во ВМРО ДПМНЕ не била добредојдена покажува нападот врз неговата сопруга еден месец по формирањето на реформската струја – Катерина Богојеска, инаку вработена во Централен регистер. Таа додека возела била нападната од друго возило со затемнети стакла и без таблички, со цел да предизвика сообраќајка. Индикативно е дека нападот се случил на 19 јули 2017 година, само два дена откако Богојески даде изјава дека СЈО треба да се поддржи и дека е потребно за една млада демократија, но дека треба да добие можност од подолготрајно работење.
Во минатото, еве и сега, политичарите си земаат за право да бидат и судии и обвинители и да коментираат што треба да одлучи судот. Ние не сакаме да бидеме такви! Затоа сакаме реформи на политичката сцена во Македонија.
Нема што ние да пресудуваме или да одлучуваме, дали се или не се потребни притвори. За тоа треба да одлучат кредибилни судии, кои земаат плата за тоа“ – ќе каже Богојески на една трибина организиарана од ЦИВИЛ Центар за слобода, додавајќи ја притоа репликата по која стана познат – прашајте го судијата зошто нема привор за Груевски и Мијалков!
Целиот текст прочитајте го на Вистиномер.мк