Friday, June 2

Истанбул наскоро може да го погоди земјотрес со јачина од 7 или повеќе степени предупредуваат геолози

Истанбул наскоро може да го погоди земјотрес со јачина од 7 или повеќе степени предупредуваат геолози.

Страшни предвидувања на геолозите за Истанбул.

Деталите во продолжение после рекламата.

Истанбул треба да почне да се подготвува за силен земјотрес и да ги мобилизира сите расположливи ресурси за да спаси животи и да ги намали економските последици, сметаат геолозите.

Научниците со кои разговараше Ал Џезира велат дека е многу веројатен силен земјотрес во најголемиот турски град, во време кога земјата жали за смртта на десетици илјади луѓе на југоисток.

Повеќе од 37.000 луѓе загинаа, а околу 80.000 се повредени во земјотресите со јачина од 7,8 и 7,6 степени што се случија минатиот понеделник со епицентар кај Кахраманмарас. 10 турски провинции беа погодени. Илјадници загинаа и во соседна Сирија. Овие бројки не се конечни за ниту една земја бидејќи многумина се уште се под урнатини.

Страшната несреќа ги покрена прашањата за подготвеноста за земјотреси во Истанбул, град кој е главен град на бизнисот и туризмот и е дом на 16 милиони луѓе. Научниците веруваат дека на метрополата и се заканува неизбежен силен земјотрес – можеби повеќекратен.

Сукру Ерсон, професор по геологија на Техничкиот универзитет Јилдиз, вели дека податоците од минатите земјотреси укажуваат дека нов е неизбежен на раседот под Мраморното Море.

„Знаеме колку се движи раседната линија во Северна Анадолија секоја година, движењето на линијата ќе доведе до тензија на линијата, што ќе предизвика земјотрес“, изјави тој за Ал Џезира, додавајќи дека е невозможно да се знае точно кога би се случил земјотресот.

Хусеин Алан, претседател на Комората на геолошки инженери, се согласува: „Земјотрес со магнитуда од 7 или поголем треба да го погоди Истанбул наскоро, судејќи според податоците што ги имаме“.

„Раседната линија под Мраморното Море има капацитет да произведе два земјотреси со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала во една година“ додава тој.

Земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот дел од регионот на Мраморното Море во Турција во август 1999 година, при што загинаа околу 7.500 луѓе. Вториот земјотрес го погоди блиското Дузче во ноември истата година и уби 845 луѓе.

Турција се наоѓа во регион со неколку тектонски плочи, а земјотресите се случуваат долж линиите на допир меѓу плочите. Раседната линија на Северна Анадолија ги дели евроазиските и анадолските плочи и минува низ Мраморното Море, јужно од Истанбул.

Според официјалните податоци, Истанбул сочинува 30,4 отсто од бруто домашниот производ на Турција во 2021 година, што го прави центар на економската активност на земјата. Во метрополата се наоѓаат и најважните државни постројки, а оштетувањето на истите многу би влијаело на индустрискиот сектор во Турција во случај на силен земјотрес.

Ерсој смета дека посилната сеизмичка активност, која може да влијае на Истанбул и остатокот од земјата, треба да биде на врвот на приоритетите на владата на Ердоган. „Подготовката за земјотреси треба да биде најважниот проект и за Истанбул и за Турција. Треба да започнеме сега, да започнеме брзо и да ги мобилизираме сите ресурси за да бидеме подготвени за земјотрес во Истанбул“, посочува тој.

Од друга страна, Алан вели дека Истанбул треба да направи детален план за акција во случај на земјотрес, а клучната инфраструктура треба да се зајакне како дел од подготовките на владините канцеларии, болниците, воените бази и пожарникарите за да тие сите се подготвени во случај на итност.

„За време на земјотресот во југоисточна Турција, многу владини згради се урнаа, вклучително и болници и единици за итни случаи“, рече Алан, додавајќи дека овие упоришта не можеле соодветно да реагираат како резултат на тоа. „Видовме што се случува кога воздушната, патната и железничката инфраструктура е оштетена од земјотреси. Тогаш помошта не може да дојде доволно брзо.

Властите, исто така, мора да ја забрзаат урбаната трансформација на Истанбул, „почнувајќи од најранливите области на градот до топографски ефекти“, според Алан.

„Поголемиот дел од Истанбул е на карпеста површина, што значи дека земјата е со релативно подобар квалитет од повеќето градови погодени од неодамнешните земјотреси. Но, зградите во Истанбул кои се на корита, на брегови или на насипи треба да бидат приоритет за урбана трансформација како и оние во загрозените подрачја свлечишта“, посочува тој.

Градежните прописи во земјата беа обновени по земјотресот во 1999 година и беа подобрени прописите за сеизмички градби во Турција. Дополнително, турските власти започнаа проект за трансформација на градот за замена на старите згради со нови.

Но, за време на минатонеделните земјотреси, некои новоизградени згради се урнаа, што доведе до критики дека регулативата не е спроведена правилно. Ерсој смета дека корупцијата е многу присутна во градежниот сектор во Турција и дека „затоа има злоупотреби во некои градежни инспекции“.

Ерсој уште еднаш нагласи дека земјотресите можат сериозно да го оштетат економскиот развој на земјата и властите мора да бидат подготвени да ги минимизираат најголемите последици.

„Кога земјотресите ги оштетуваат земјите, нивните инвестициски иницијативи паѓаат на ниво на ѓубре и не можат да напредуваат – тоа е слично како кога тркалата на автомобилот се заглавуваат во калта. Затоа, треба да бидеме проактивни и да бидеме подготвени пред земјотресот“, вели Ерсој.

Истанбул рапидно расте во последните децении поради миграцијата од другите турски региони, најмногу поради социо-економските фактори. Поради недостиг на земјиште, компаниите почнаа да градат се повисоки згради за да ја задоволат побарувачката, пишува Ал Џезира.

„Овие многукатни згради можат да бидат погодени во земјотрес што се очекува во областа под Мраморното Море. Но, тие можат да бидат погодени од земјотреси многу подалеку, во други региони, поради нивната висина“, рече Ерсој.

Според податоците објавени од градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, речиси 90.000 згради се „изложени на висок ризик“ од земјотреси, од 1,2 милиони згради во градот. Според градските власти, уште 170.000 згради се во „средна опасност“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *